Во Белград синоќа и покрај снегот и ниските температури, одржан е нов голем протест, без партиски обележја, под слоганите „Еден од петте милиони“ и „Стоп на крвавите кошули“.
Протестот беше најавен како непартиски, но на него и овој пат учествуваа претставници на речиси сите опозициски партии во Србија. На досегашните протести имаше меѓу 25-35.000 граѓани.
Организаторите на протестите ги повторија своите барања за расветлувањето на убиството на Оливер Ивановиќ, откривање на сторителите на нападите врз новинарите и опозициските личности, како и опозицијата да добие пет минути простор во Дневник на РТС. Кон овие барања, минатата сабота беше додадено уште едно – смена на министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.
Претходните четири саботи без инциденти се одржаа протестни прошетки „Стоп на крвавите кошули” како одговор на нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ во Крушевац, а слоганот “Еден од пет милиони” следеше по коментирањето на првата протестна прошетка, на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека нема да исполни ниедно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку и да долго траат протести.
За прв пат вчера се одржаа граѓански протести и во Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Пожега и други градови.