Вартоломеј го потпиша декретот за автокефалност на Украинската црква

Украинскиот претседател Петро Порошенко и цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Цариградскиот патријарх Вартоломеј го потпиша декретот за автокефалност на Православната црква во Украина, со што се стави крај на тривековната руска верска контрола во Украина.

На црковната церемонија во Истанбул присуствуваше и украинскиот претседател Петро Порошенко.

Декретот ќе му биде предаден на поглаварот на новата украинска црква, митрополитот Епифаниј, утре (6 јануари), со што ќе заврши дводневната духовна церемонија.

„Голема чест за мене е да го посетам Истанбул, каде утре ќе се одржи долгоочекуваниот настан“, напишаПорошенко на Фејсбук.

Порошенко вели дека овој потег ќе отвори „нова ера во православната историја“. Се молиме за мир и единство, пишува тој.