Патроли на екстремната десница во Германија по нападите од мигранти

Илустрација.

Германската екстремна десница објави дека организирала патроли за самоодбрана по мигрантските напади во баварскиот град Амберг, предизвикувајќи негодување од локалните власти.

„Најостро ги осудуваме престапите кои ги извршија [странски државјани] во Амберг. Но, исто така го осудуваме фактот што некои групи од екстремната десница се обидуваат да го искористат тој случај“, рече гувернерот на Баварија, Маркус Зедер од конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ).

Тој додаде дека нема да бидат толерирани групите кои се обидуваат да ги промовираат екстремно десничарските партии НПД и АфД, претставувајќи ги како граѓански милиции.

Четири момчиња од Авганистан и Иран се уапсени во Амберг, откако во саботата вечер во пијана состојба нападнаа десетина минувачи на улица. Тие треба да одговараат за физички напад и нанесување повреди.

Градоначалникот на Амберг, град со 42 илјади жители во северна Баварија, Михаел Керни исто така рече дека е шокиран од формирањето на патроли за самоодбрана.

„Можам да ја разберам несигурноста која владее меѓу дел од жителите, но заканите со насилство и омразата која се шири низ земјата одат предалеку“, изјави тој за локалниот весник Мителдојче Цајтунг.

Тој рече дека ја известил полицијата која проверува дали навистина се формирани такви групи за самоодбрана. Екстремно десничарската партија НПД, блиска до неонацистичкото движење, на 1 јануари, на една од своите Фејсбук страници во регионот, објави фотографии од неколкумина свои членови со црвени елеци со ознаки на движењето.

Фотографиите се направени на местата на кои се случија нападите пред Нова година, како и пред домот за баратели на азил. Повеќе членови на баварскиот огранок на Алтернативата за Германија (АфД) исто така најавија дека попладнево ќе дојдат во Амберг.

Случајот повторно ја отвори расправата за барателите на азил во земјата, што е чувствителна тема по доаѓањето на повеќе од еден милион мигранти во Германија во 2015 и 2016 година.

АфД се противи на мигрантската политика на канцеларката Ангела Меркел. Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, кој се залага за емигрантска политика на „цврста рака“ во владата на Меркел, претходно побара да се олесни протерувањето на барателите на азил кои извршиле злосторство во Германија.