Додека не заврши истрагата предводена од Јавното обвинителство за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, чесно е извршната власт да не се истрчува со претходни детали што може да бидат дел од предистражна или истражна постапка што ја водат истражните органи, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за финансии.
„Штом Јавното обвинителство ќе даде пас и тоа на било кој начин ќе го обелодени, ние ќе ги соопштиме сите детали од аспект на извршната власт, пред се, од Министерството за внатрешни рабти“, рече Заев.
Тој нагласи дека ако некаде постои одговорност некаде и тоа е потврдено со конкретни докази и аргументи, одговорност ќе понесе прво тој, а потоа министер, директори, сектори во МВР и во други институции.
„Тука нема дилеми. Уште еднаш потенцирам тајни договори кои значат избегнување на правда немало и нема да има“, рече Заев.
Тој истакна дека на Македонија и треба помирување за остварување на стратешките интереси: членството во НАТО и ЕУ и додаде дека верува оти е донесено квалитетно решение што го поздравила и Унијата.