„Катимерини“: Столтенберг бара Преспанскиот договор да се спроведе до 15 февруари

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Договорот за името помеѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ) се очекува да биде ратификуван во парламентот на ПЈРМ порано отколку што се очекуваше, најверојатно до 10 јануари, што значи дека т.н. Преспански договор ќе дојде и до грчкиот парламент, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Во текстот под наслов „Скопје забрзува – не е исклучена можноста да го ратификуваат Договорот од Преспа до 10 јануари“, грчкиот весник „Катимерини“, наведува дека Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг побарал двете земји, обврските да ги завршат до 15 февруар, и објаснува дека барањето од НАТО за брзо завршување на процедурите се должи на изборниот циклус во кој влегува Грција.

„Се чини дека премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, го забрзува процесот на спроведување на договорот Скопје откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, наводно, испратил писмо до Скопје и Атина, повикувајќи договорот да биде одобрен во двата парламента до 15 февруари за да може оваа балканска нација да може да се приклучи на Алијансата без понатамошно одложување“, наведува „Катимерини“.

Весникот потсетува и дека портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, изјавил дека Ципрас по 18 јануари ќе одлучи кога Договорот ќе биде поднесен за ратификација во грчкиот парламент.