Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија нема, поради ЕУ, да се дистанцира од Русија. Во интервју за порталот Еспресо, тој вели дека Србија има добри односи со Русија и не сака да ги расипува. „Србија се наоѓа на европскиот пат и јас тоа не го кријам никаде, па ни во Москва. А тоа што ќе ми кажете - урнете ги своите односи со Русија. Зошто да ги урнеме? Вие да го градите Северен тек, а ние да не можеме да го градиме Јужниот тек. Зошто? Па, затоа што вие сте големи, а ние мали. Јас тој вид на аргументација нема да го прифатам и со мене не може да разговарате така, но во Брисел, но во Берлин, нити на кое било друго место“, вели српскиот претседател. Во однос на Косово, Вучиќ вели дека никогаш не зборувал за размена на територии, но дека е неопходно да се постигне „каков било договор“ што ќе го прифатат Србите и Албанците заради мир. Тој вели дека „вистината која никој не сака да ја чуе“ е дека „на Косово не е сè албанско и дека на Косово не е сè српско и дека мора да постигнеме компромис“. „Оној кој не го разбира тоа ќе ја воведе Србија во најголемата трагедија од која ќе излеземе поразени, полошо поразени од кога било. Ако луѓето не го разбираат тоа, а гледам дека не го разбираат, јас со тоа немам проблем. Но нема да водам политика во иднина која ќе ја воведе Србија во најтешката трагедија“, вели Вучиќ.