Набавката на онколошката терапија ќе се централизира и ќе биде за две години, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„Најскапата онколошка терапија со години наназад ја набавуваат четири клиники. Со тој дисперзиран начин на набавка тендерските постапки траат многу долго, а пациентите многу често се соочени со недостиг на лекови и многу често станува збор за условни буџети од Фондот за здравствено осигурување. Наместо 15 до 20 набавки во текот на годината, како што беше досега, планираме набавката да ја централизираме и да ја направиме за две години и на тој начин да го направиме системот поефикасен во смисла на тоа буџетот да биде еден, набавката да биде една, а добро се испланирани и бројот на пациенти и количините кои требаат од секои од овие нови лекови“, рече Филипче.
Според министерот, главна придобивка од ова ќе биде тоа што „за истата сума пари, што во моментов изнесува 8,5 милиони евра годишно, односно 17 милиони евра, за две години ќе воведат 40 нови лекови за пациентите со малигни заболувања“.