За петарди и ракети на новогодишната ноќ казни и до 500 евра

МВР, во пресрет на новогодишната ноќ, апелира до граѓаните максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства, како и од други нарушувања на јавниот ред и мир, во спротивно секоја неовластена употреба ќе биде казнувана од 200 до 500 евра.

„Неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија“, стои во соопштението од МВР.

Неовластената употреба на пиротехнички средства, како што се петарди, палење ракети и други пиротехнички средства, велат од полицијата, со кои се нарушува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните се казнува со глоба во износ од 200 до 500 евра.