Граѓански организации - Неприфатливо е менување на Кривичниот законик за да застарат случаите на СЈО

Илустрација

Итно повлекување од дневен ред на предлог-измените на Кривичниот закони бараат 16 граѓански организации. Во писмото до претседателот на Собранието Талат Џафери и до пратениците-предлагачи на измените, организациите инсистираат на повлекување на предлогот, „поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот“.

„Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, пишува во писмото, кое меѓу другото го потпишуваат Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Хелсиншки комитет на Македонија и Институтот за европска политика.