Тензии во Бања Лука по протестите „Правда за Давид“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Најавено продолжување на протестите во Бања Лука

Тензиите се зголемија во босанскиот град Бања Лука, откако полицијата уапси човек чии барања за одговор за смртта на неговиот син поттикнаа неколкумесечни антивладини протести. За денеска се најавени нови протести.

Демонстрациите во Бања Лука продолжија во текот на измината ноќ, додека полицијата опремена за немири беше распоредена со цел да ги спречи и задржи демонстрантите.

Неколку стотици луѓе се собраа во паркот во близина на централниот плоштад во градот, но потоа беа принудени да заминат од таму по што се собраа пред црквата „Христос спасител“.

Притоа дојде до блиски средби меѓу демонстрантите и полицијата која соопшти дека еден нејзин припадник бил повреден.

Тензиите пораснаа во градот откако полицијата во вторникот уапси маж чија потрага по вистината за смртта на неговиот син предизвика неколку месечни протести против властите.

Полицијата соопшти дека го уапсила Давор Драгичевиќ бидејќи тој не се појавил на сослушување.

Давор ги обвинува највисоките полициски службеници за прикривање на убиството на неговиот син Давид.

Адвокатите на Драгичевиќ велат дека тој бил повреден за време на апсењето, но полицијата го негираше тоа.

Во текот на акцијата биле притворени и неколку други лица, меѓу кои и поранешната сопруга на Драгичевиќ, Сузана Радовановиќ и некои опозициски политичари: „За кого работиш за народот или за мафијата. Дали ова мое дете не е вредно. Погледни го. 21 година. Дали имаш мајка?“, ги прашуваше Сузана полицајците.

Драган Дабиќ, лидер на движењето „Правда за Давид“ по ова изјави:

„Уапсен е Давор. Сузана тука стоеше, разговараше со полицајците. На нејзината изјава „што не ме уапсите и мене?“ дојде еден полицаец ја фати под рака и рече „сега ќе видиш дека можеме и тебе да те уапсиме“.

Движењето на Драгичевиќ „Правда за Давид“ бара информации за смртта на неговиот 21-годишен син Давид Драгичевиќ во март годинава.

Полицијата првично соопшти дека е самоубиство, но семејството на момчето и некои активисти инсистираат на тоа дека тој бил убиен.

Властите ги негираат обвинувањата.

Демонстрациите на движењето привлекоа илјадници луѓе и ги инспирираа граѓаните да протестираат не само поради тоа туку и поради големата корупција и лошата економски состојба во Босна и Херцеговина.