Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека по договорот што го постигнаа Македонија и Грција, сега е ред истото да го направат и Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина. Тачи во интервју за телевизијата Клан Косова изјави дека меѓународната заедница очекува од двете земји да постигнат договор.
„Ние не треба да создаваме потешкотии изненадувајќи ги Европската унија и САД. Ниту Србија нема право да го отежнува процесот на дијалогот за нормализација на односите. Процесот на дијалогот ќе започне и ние треба да имаме мошне динамични заложби кои бараат решителност“, изјави Тачи.
Косовскиот претседател го поздрави формирањето на преговарачкиот тим од страна на Собранието на Косово и нагласи дека тој има целосен легитимитет.
Тој порача дека „многу вода ќе протече низ реките додека да се смири крвта меѓу Косово и Србија“, но дека Косово сега треба да се фокусира на својата стратешка цел – зачленувањето во НАТО и ЕУ.