Поднесени 42 барања за амнестија за 27 април, еден обвинет не бара

Демонстрантите упаднаа во Собранието на 27 април 2017 откако им беа отворени вратите на Парламентот

Демонстрантите упаднаа во Собранието на 27 април 2017 откако им беа отворени вратите на Парламентот

До денеска до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати вкупно 42 барања за амнестија од обвинетите во неколкуте случаи кои се однесуваат за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. Едно лице се изјаснило оти нема да достави барање за амнестија, потврдија за МИА од Судот. Петдневниот рок за доставување на барањата за амнестија истекува денеска. Барањата обвинетите можат да ги доставуваат до Судот лично и по пошта. По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Законот за амнестија во четвртокот минатата недела беше објавен во Службениот весник, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Македонското Собрание на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Секој од обвинетите за „27 април“ има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Претходно, пак, седуммина луѓе беа осудени на затворски казни од 10 до 13 години за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилствата на 27 април, а двајца беа осудени за насилство.

Десетина луѓе и претходно беа осудени за насилство и за учество во топла за случувањата на 27 април.