Оддалечување на сите објекти за игри на среќа најмалку три километри од секое населено место, определување на пет отсто од профитот на казината и обложувалниците за рехабилитација на жртвите од коцкањето и формирае национална образовна стратегија за информирање за последиците од коцкањето.
Овие три барања ги истакнаа организаторите од движењето против коцкањето на денешниот протест на градскиот плоштад во Тетово. Протестот беше поддржан од претставниците на повеќе општини во полошко како и од двете најголеми верски заедници – тетовското муфтиство на ИВЗ и тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – Охридска Архиепископија.
„Коцкањето е едно од најголемите зла и затоа ние како тетовско архиерејско намесништво ја поддржуваме оваа инцијатива против коцкањето кое ги загрозува душите, здравјето и перспективата на нашите млади, но и сите останати. Затоа нашата вера учи дека кој му робува на гревот, гревот него го поробува. Со ова сакаме заедно да испратиме порака до властите коцкарниците да се тргнат од населените места за нашите млади и тинејџери да не застрануваат од вистинските вредности, а доколку има закон за тоа тој да биде строг и ригиден за да не се дозволи лесно и слободно посегнување кон коцката, рече свештеникот Александар Стојановски од тетовското архиерејско намесништво.
Пред присутните се обратија и Ќани Несими од тетовското муфтиство на ИВЗ како и актери, пејачи и други граѓани. Според Џемал Абдиу од Движењето против коцкање, барањата искажани на денешниот протест треба да бидат прифатени како амандмани на Предлог законот за игри на среќа предложен од Министерството за финансии. Овој закон, додаде тој, не смее да се носи без обемна јавна дебата.