Романските обвинители поднесоа обвинение против поранешниот претседател Јон Илиеску за злосторства против човештвото за неговата улога во крвопролевањата во декември 1989 година, кога беше соборен режимот на диктаторот Николае Чаушеску.
Обвинението е поднесено по долгогодишна истрага, 29 години откако востанието што почна во Темишвар во западна Романија, стигна до Букурешт.
Илиеску, кој сега има 88 година, беше висок функционер во владата на Чаушеску. Тој потоа ја водеше привремената влада за национален спас, која ја презеде контролата откако Чаушеску избега од Букурешт на 22 декември. Илиеску во три мандати беше претседател на Романија по падот на комунизмот. Со обвинението се опфатени и четири други лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Галу Војкан Војкулеску.
„Илиеску и Војкулеску директно ширеа дезинформации преку телевизиските настапи и соопштенијата за медиуми, придонесувајќи за создавање на општа психоза“, се наведува во обвинението.
Нивните активности и изјави намерно го зголемиле ризикот од „случаи на пријателски оган, хаотично пукање и контрадикторни воени наредби, наведува обвинителството, посочувајќи дека 862 луѓе загинале по бегството на Чаушеску.
Обвинителите тврдат дека активностите на обвинетите исто така придонеле да дојде до „осуда и егзекуција на Чаушески по фарсичното судење.
Војкулеску негира дека сторил нешто лошо.
Илиеску, во ретко обраќање до јавноста од април годинава, рече дека „може да стои со исправена глава пред судот на историјата“.