Во писмо за оставката, 68 годишниот Матис, меѓу другото, ги спомнува политиките на Трамп спрема Русија и Кина, при што наведува дека неговата политичка перспектива на негување на традиционалните сојузи, повеќе не може да се помири со онаа на претседателот:
„Затоа имате право да имате секретар за одбрана чии погледи се подобро усогласени со вашите за овие и други теми. Верувам дека е исправно да се повлечам од мојата позиција“.
Писмото со неговата оставка беше објавено кусо време откако Трамп на Твитер напиша дека секретарот за одбрана заминува кон крајот на февруари идната година.
Портпаролот на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс во врска со ова изјави:
„Тој и претседателот имаат добри односи, но понекогаш тие не се согласуваат. Претседателот секогаш ги слуша членовите на неговиот тим за национална безбедност, но на крајот од денот одлуката ја донесува претседателот“.
Американските конгресмени, и од Демократската и од Републиканската партија, веднаш изразија негодување околу заминувањето на Матис за кој се смета дека е еден од посигурните актери во администрацијата.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом Ненси Пелоси вели дека била потресена од оставката:
„Јас сум потресена од оставката на генералот Матис за тоа што таа значи за нашата земја, за пораката што ја испраќа до нашите војници и за индикациите за тоа каков е неговиот став за врховниот командант“.
Демократскиот сенатор Чак Шумер пак изјави:
„Сега во оваа администрација има хаос. Оваа недела беше една од најнеобичните недели што некогаш сме ги виделе во американската влада, и неверојатно, тие сакаат да ја завршат неделата, со затворање на владата“.
Оставката на Матис доаѓа еден ден откако претседателот Доналд Трамп изјави дека ќе ги повлече сите американски војници од Сирија, велејќи дека мисијата против Исламската држава е целосна.
„Сега победивме, време е да се вратиме“, рече Трамп.
Матис и Трамп, исто така, беа со спротивставени ставови за распоредувањето на војниците во Авганистан, бидејќи Трамп, исто така сака да ги врати дома.
Матис можеби е највисокиот профил кој најдолго служел во кабинетот на Трамп, кој пак се соочува со оставки, заминувања и отпуштања.
Матис, поранешниот советник за национална безбедност Ејч Ар Мекмастер и началникот на кабинетот во заминување Џон Кели, често пти беа окарактеризирани како триумвират на генералите на Трамп, луѓе со истакнати воени кариери и со цврста рака во хаотична администрација.
Матис ќе остане на работа до февруари за да обезбеди лесна транзиција.
Белата куќа сé уште не објави кој ќе го замени.