Уставен закон - усвоени три од седумте поднесени амандмани

Архивска фотографија - собраниска комисија за уставни прашања

Собраниската Комисија за уставни прашања на денешната седница го разгледа Предлог-уставниот закон за спроведување на амандманите од 33 до 36 на Уставот на Република Македонија и заклучи да го проследи на натамошна постапка.

Во текот на денешната расправа, Комисијата усвои три од предложените седум амандмани на Предлог законот. Едногласно со десет гласа „за“ беше усвоен амандманот предложен од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кој се прецизира дека уставните амандмани од 33 до 36 на Уставот не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку Грција веднаш не ја исполни својата обврска да го прифати Договорот од Преспа и да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Со преформулација од Комисијата едногласно беше прифатен и амандманот, првично поднесен од претениците Зијадин Села и Сурија Рашити од Алијансата на Албанците, со кој се истакнува дека државната граница на Република Македонија е нашата постојна граница со Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Косово со која, како што рече заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, се прифаќа реалноста дека Македонија има нов сосед Република Косово.

Со преформулација од Комисијата со осум гласа „за“ и два „против“ беше прифатен и амандманот со кој во член 2 став 2 од Уставниот закон точката на крајот се заменува со запирка и се додаваат зборовите што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните. Со тоа, како што беше речено, се става јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија. За овој амандман беа поднесени два слични предлози, првиот предложен од претеникот Мухамед Зекири од СДСМ, а вториот од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои беа повлечени по усогласувањето на текстот на амандманот од Комисијата.

Најголема полемика се водеше за двата амандмана поднесени од пратениците на Беса и Алијанса на Албанците со кои се бараше во документите во графата државјанство да пишува граѓани на Република Северна Македонија, наместо како што е предвидено во Уставниот закон – македонско/граѓани на Република Северна Македонија.