Што носи повлекувањето на САД од Сирија?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп прогласи победа врз ИД во Сирија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги повлекува американските војници од Сирија. Според него, тие успеале во својата мисија да ја поразат Исламската држава и оти веќе не биле потребни во таа земја.

Претседателот Трамп во видео порака преку Твитер порача:

„Ние се боревме долго време во Сирија. Јас сум претседател речиси две години и ние навистина засиливме и победивме против ИСИС. Ние ги тепавме, ги тепавме лошо. Ја вративме земјата и сега е време нашите војници да се вратат дома“.

Притоа тој оцени дека станува збор за големи американски херои, бидејќи сториле, како што вели, многу добро за многу луѓе.

„Значи нашите момчиња, нашите млади жени, нашите мажи, сите се враќаат и се враќаат сега. Ние победивме и тоа е начинот што го сакаме и тоа е начинот што го сакаат тие“.

Со ваквата одлука Трамп ги заобиколи неговите помошници за национална безбедност, а според некои наводи ги изненади американските команданти во Сирија.

Секретарот за одбрана Џејмс Матис во минатиот месец предупреди дека повлекувањето може да создаде вакуум и да доведе до повторно појавување на Исламската држава.

„Како што знаете таму дојде до распаѓање на географскиот калифат но како што ви кажувам многу месеци, повеќе од една година, борбата продолжува бидејќи тие се разбиваат во помали групи и продолжуваме да ги ловиме таму“.

Ова повлекување исто така би можело да значи голем ризик за американските сојузници на теренот и да го зајакне влијанието на Русија и Иран во регионот.

Некои од нив прецизираат дека со овој потег Русија добива на геополитички, а Иран на регионален план.

Сирискиот претседател Башар ал Асад постојано бараше американските сили да ја напуштат земјата.

Русија пак, која го поддржува Асад, е на оценка дека американското присуство таму било нелегално.

Како и да е, според посматрачите, Трамп со оваа најнова одлука исполнува уште едно од неговите ветувања, односно ограничување на американската военавмешаност во странство.

Белата куќа одби да понуди временска рамка за повлекување. Во граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година, загина стотици илјади луѓе, а милиони други се раселени.