Во Македонија официјално се регистрирани 650 лица кои не се евидентирани и кои немаат лични документи, а со тоа ниту можност за остварување на нивите основни граѓански права – здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување, право да ја напуштат државата, да се венчаваат... Ова бројка на т.н. „фантоми“, или правно непостоечки лица, е добиена со заедничко истражување на Министерството за труд и социјала, Управата за матични книги, МВР, други невладини институции, потоа ОБСЕ, УНХЦР и дел од невладините организации во Македонија. Според податоците, најголемиот дел од овие лица се од ромската популација и главно лица без финансиски примања.
Меѓутоа, темната бројка се движи од 1.500 до 2.000 и наоѓањето решение за него оди многу тешко, што претставува опасност тие лица да останат без државјанство и, како што вели универзитетскиот професор Борче Давитковски, да не можат да остварат ниту едно елементарно право како лица без идентитет.
Два модела за решавање на проблемот
Професорот Давитковски нуди два модела за можно решавање на ова прашање, кои ѝ се презентирани и на Владата.
„Едниот модел е судот во вонпарнична постапка да ги реши проблемите на овие лица, при што ќе се утврдува датум на раѓање, име и презиме. За овој модел, споредено со други земји, постапката трае 4-6 години и потребно менување на Законот за вонпарнична постапка, а за тоа, пак, е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Вториот модел е преку измена на Законот за матична евиденција каде има одредба за упис по месец дена со утврдување. Управата веќе ги има евидентирано овие лица, го има прашалникот, има многу податоци и многу полесно би можела да спроведе постапка за утврдување на идентитетот, да донесе решение и врз основа на тоа решение да се впишат во матична книга на родените“, објасни професорот Давитковски.
На последната дебата за овој проблем, каде Давитковски ги понуди можните решенија, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, најави дека Владата треба да донесе одлука за следните чекори на извршната власт за во првиот квартал од 2019 година овие лица бидат впишани во евиденција, со што ќе се отвори патот тие да ги остварат нивните граѓански права.
„Низ системот овие лица ќе се стекнат, ако ништо друго, со граѓанските права за здравство, образование, градинка, социјална заштита... Тие 650 евидентирани лица се веќе во посебен регистар“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Според најавите, Владата треба да расправа по дадените предлози и да избере еден од нив, и, ако се оди според планот, проблемот, кој постои речиси 10 години наназад, треба да се реши во првиот квартал од 2019 година.
Со еден документ до државјанство?
Премиерот Зоран Заев уште пред една година најавуваше решение за овие лица со само еден документ. Тој лани во ноември рече дека сите граѓани кои се родени и живеат во Македонија, а заради нерешен статус немаат лични документи ниту државјанство, само со докажување дека учеле во некое од училиштата во земјава или со било кој друг документ со кои може да докажат дека функционираат во Македонија, ќе може да добијат лични документи и државјанство. Премиерот тогаш најави и дека со Министерството за труд и социјална политика и останатите надлежни институции ќе ги постават правилата, по што до крајот на 2017 требаше да се реши проблемот.