До Собранието на Република Македонија во законскиот рок пристигнале седум амандмани на предлог-амандманите на Уставот и тоа два од Алијансата на Албанците, еден од Беса, еден од пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири и три од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани не поднеле пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.
Четири амандмани се однесуваат на државјанството, кое според Договорот од Преспа треба да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Алијансата на Албанците и Беса имаат слични амандмани и бараат да биде само граѓанин на Република Северна Македонија, а Зеќири предлага допрецизрање на ставот со тоа што на крајот на реченицата да се додадат зборовите „што не ја определува ниту пак ја прејудицира етничката припадност на граѓаните“. Сличен амандман на овој има поднесено и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие предлагаат во членот 2 став 2 по зборот „Македонија“ да се додадат зборовите „со што не ја предодредува етничката припадност на граѓаните“.
Вториот амандман на Алијансата на Албанците е да се посочи со кои држави се граничи Македонија.
Пратениците од независната пратеничка група имаат поднесено амандмани со кои бараат уставните измени да се прогласат за неважечки доколку Грција не го ратификува Преспанскиот договор.
Седницата на собраниската Комисија за уставни прашања почнува попладнево, додека пленарната седница се очекува да биде закажана од 9 јануари следната година. Ова е трета и последна фаза од уставните измени кои се правата согласно Договорот од Преспа.