ОН: Усвоен Глобалниот договор за бегалци

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство, но без САД и Унгарија, го усвои Глобалниот договор за бегалци со цел подобро решавање на ова меѓународно прашање, соопшти агенцијата Франс прес, додавајќи дека документот не предизвикал бурни реакции како договорот за миграции. Предлог-договорот за бегалци беше усвоен од 181 земја, две беа против САД и Унгарија, додека три се воздржаа од гласање.

Унгарија проценува дека на ОН не му треба "нов правен инструмент" за решавање на проблемите со бегалците, додека американската администрација неодамна објави дека не се согласува со сите точки на текстот. Исто како и Глобалниот договор за безбедна, регулирана и редовна миграција, и новиот договор не е обврзувачки.

Документот за бегалците кој е составен со помош на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), предвидува мерки за подобар одговор на земјите на масовниот прилив на бегалци.