Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е успешен пример за мирно решавање на транснационалните спорови, истакна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во обраќањето на 18. Меѓународен форум во Доха.
„Договорот ќе му биде од корист на целиот балкански регион“, рече Гутереш.
Тој повика на засилување на напорите на меѓународната заедница за решавање и на другите отворени прашања во светот кои предизвикуваат тензии.
„Во ера на хаос и конфузија гледаме голема надеж за успешно решавање на разликите и споровите како што беа меѓу Грција и Македонија за прашањето за името. Тоа нè потсетува и ни покажува дека кога работиме заедно можеме да постигнеме големи работи во корист на нашите народи“, порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.