Српски медиуми- маж и две жени се загинатите во автобуската несреќа кај Лесковац

Илустрација

Еден маж и две жени се тројцата загинати патници во автобусот со македонски регистарски таблички кој рано утринава се преврте на авопат кај Лесковац, Србија, јавува агенцијата Бета повикувајќи се на извори во лесковачката болница. Од Министерството за внатрешни работи на Србија потврдија дека 32 лица се повредени. Српските медиуми јавуваат и дека возачот и совозачот не се повредени, но дека не може да даваат изјави за јавноста.

Директорот на општата болница во Лесковац Небојша Димитријевиќ рече дека три лица од повредените се со тешки телесни повреди и се пренесени на хирургија, а еден тешко повреден патник е пренесен на ортопедија. Другите патници со полесни повреди се згрижени на ургентното оддеение, додаде Димитријевиќ. Бета јавува дека автобусот сообраќај на релација Битола-Виена и дека во него имало патници од повеќе градови од Македонија. Еден од повредените за агенцијата рекол дека не се сеќава на несреќата бидејќи сите патници спиеле, а кога се разбудил чул врискање и видел луѓе со крвави гави и раце. Набргу, според неговото сведочење, дошла брза помош и полиција, а потоа и пожарникари. На местото на несреќата увид извршил и заменик обвинител од Основното јавно обвинителство во Лесковац.

Автопатот е чистен, јавуваат медиумите, но е завеан и на места замрзнат. Автобусот околу 1.45 по полноќ ја пробил заштитната ограда и се превртел, а во меѓувреме е исправен и околу него дежураат полицајци и санитетско возило. Од македонското министерство за надворешни работи информации најавија за подоцна во текот на денот.