Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази загриженост по веста дека косовскиот Парламент усвои три закони чија цел е јакнење на улогата и капацитетот на косовските безбедносни сили и притоа ги повика „сите страни“ на воздржаност, јави Танјуг.
"Гутереш истакна дека Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН ја претставува единствената законска рамка за присуство на меѓународни безбедносни сили – КФОР – на кои им е доверена одговорноста за обезбедување безбедна средина во Косово", се наведува во соопштението на заменик-портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак доставено до агенцијата Танјуг.
Затоа, како што е посочено, какво било ограничување во спроведувањето на безбедносните одговорности на КФОР би било во несогласност со таа резолуција.
"Генералниот секретар на ОН ги повика сите инволвирани страни да се воздржат од каква било акција која би можела да ги зголеми тензиите и да предизвика натамошен пад во дијалогот со посредство на ЕУ, со цел да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина", се вели во соопштението