Помпео - Приемот на Македонија во НАТО ќе го намали руското влијание во регионот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео се сретна со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон

Влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот, изјавил државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон. Тој нагласил дека САД го поддржуваат историскиот Преспански договор и верува дека грчкото раководство ќе успее да го спроведе, со оценка дека договорот ќе ја зајакне грчката позиција на Балканот и ќе го намали руското влијание во регионот. Истакнал дека треба да се поздрави и поддржи заложбата на премиерот Алексис Ципрас за решавање на долгогодишниот спор.

Јоргос Катругалос е во Вашингтон по повод одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вчера во Њујорк се сретна со посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц на која беше поздравена заложбата на Атина и Скопје за успешно комплетирање на Договорот од Преспа.