Лазаревски – Беа прислушувани и братот и сопругата на Сашо Мијалков

Балерината Александра Мијалкова, сопруга на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков

Меѓу телефонските броеви што биле прислушувани во УБК имало два сензитивни таргети, едниот бил Влатко Мијалков – брат на Сашо Мијалков, а вториот Александра Мијалкова сопруга на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, рече денеска Ѓорѓи Лазаревски, кој е сведок на судењето против Мијалков за нелегалното прислушување.

Лазаревски, кој исто така е поранешен вработен во УБК, е човекот што ги изнесе прислушуваните разговори од УБК, по што тогашниот шеф на опозицијата, а сега премиер, Зоран Заев, почна да ги објавува таканаречените бомби.

Во случајот „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.