МНР: Со Бугарија потпишавме Договор за пријателство и ќе градиме пријателство

Изјавата на бугарскиот вицепремиер за безбедност и министер за одбрана Красимир Каракачанов е извонредна прилика за сличен контраодговор и создавање на врзан негативен круг што ќе не оддалечи едни од други и ќе создава непријателство, наместо пријателство, порачува македонското Министерствто за надворешни работи.

“Потпишавме договор за пријателство и ќе градиме пријателство, но тоа подразбира меѓусебно разбирање, почит и грижа за интересите на соседот. Република Македонија и понатаму ќе продолжи со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика, во духот и на потпишаниот Договор со Бугарија и на европските вредности по кои се водат двете земји”, соопшти МНР.

Каракачанов вчера на својот фејсбук профил ја коментираше изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во Собранието на Република Македонија во која рече дека со Преспанскиот договор се потврдува постоењето на макадонскиот јазик и оти никој нема право тоа да го оспорува и му посочи дека „македонски јазик не постои и оти нема да дозволи тајно воведување на македонскиот јазик“.