Иванов тврди дека немало сценарио за прогласување воена состојба

Претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов во попладневното обраќање во јавноста изјави дека неколку пати јавно предупредувал на опасности кои се закануваат по стабилноста на Македонија и дополни дека тие предупредувања биле игнорирани, и оти резултатот од тоа денеска сите го чувствуваат.

Тој рече дека наводите во јавноста за вмешаност на неговиот кабинет во настаните од 27 април се лаги.

„Во кабинетот на претседателот никогаш не се разговарало за прогласување на воена или вонредна состојба“, рече Иванов и ги повика странските претставници да кажат дали правеле притисок врз него да не воведе воена состојба.

Иванов обвини дека тој и неговиот кабинетот се мета на лажни вести и конструкции и нагласи дека како последица на тоа нема да отстапи од своите ставови.

Во денешното обраќање пред јавноста Иавнов уште еднаш ги демантираше исказите на обвинетиот Александар Василевски -Нинџа, кои ги даде вчера во суд, дека вечерта на 27 април Иванов планирал да прогласи воена состојба.

„Ги демантирам ваквите искази и најодговорно тврдам дека не сум планирал на 27 април да прогласам воена состојба. Ако некаде не постоел паралелен врховен командат кој тоа ќе го направи. Во последниот период, јас и мојот кабинет сме постојана мета на напади со цел да не наместат за настаните за 27 април. Цело време се соочувам со закани и местенки. Нека излезат и нека кажат странските престваници дали вршеле притисок врз мене да не прогласам воена состојба. По кој знае кој пат повторувам, дека нема да отстапам од моите ставови. Деновиве сме сведоци и на давање лажни искази во судските процеси. Институциите треба да одговорат каде биле на 27 април. Кабинетот на претседателот за 27 април ги достави сите извештаи. Мојот кабинет во континуитет ги демантираше лажните вести кои ги објавуваат во медиумите" изјави Иванов.

Тој додаде дека обвинителката Вилма Русковска јавно потврдила дека нема докази дека Кабинетот на претседателот имал некаква вмешаност во настаните од 27 април.

На прашање каде бил генералниот секретар на претседателскиот кабинет Борис Јосифовски за време на нападот на Собранието на 27 април, Иванов на прес-конференцијата рече дека кога видел на телевизија што се случува во Собранието му се јавил за да го свика Кабинетот.

На прашањето каде бил Јосифовски тогаш, Иванов одговори: „Сега видов дека бил во партијата“.

Иванов рече и дека претседателскиот советник за национална безбедност Синиша Алексоски тој ден бил упатен на пат за Вашингтон, и дека тој во вратил од Истанбул каде што стигнал со автомобил.

Иванов кажа и дека УБК е жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во земјата, а дека тој како претседател на тоа укажал уште пред 2 години.