Со уцени и поткуп на пратеници, со директна вмешаност на странски дипломати, беа наметнати уставните измени, вели министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“. Лавров вели дека е „очигледна големата и континуирана интервенција на НАТО и ЕУ во внатрешните работи на Македонија.
„Референдумот, како што е познато, не успеа. Во оваа ситуација во собранието, на 19 октомври, со уценување и поткуп на пратеници беа наметнати уставни измени, со директна вмешаност на странски дипломати, вклучувајќи го и амбасадорот на САД што е таму. Сега се прават интензивни напори за процесот да добие конечен облик на почетокот на 2019 година. Вреди да се спомене фактот дека ваквото брзање ѝ служи на единствената цел на Вашингтон за итно вклучување на Скопје во НАТО“, вели Лавров и додава дека за европската интеграција, „консултациите со Брисел, како што говори искуството, може да траат и неколку децении“.