Нинџа – Работев за УБК

Луѓе со фантомки тепаа пратеници откако упаднаа во Собранието на 27 април минатата година

На денешното рочиште за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, обвинетиот Александар Василевски – Нинџа денеска пред судот призна дека бил ангажиран од УБК во 2015 година од страна на поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски. Пред судот рече дека добил пиштол, значка и бил задолжен за оперативно-технички и прикриени операции во Управата.

Рече дека имал задача да биде „очи и уши“ на Никола Бошковски од УБК, кој заедно со Грујевски избега од Македонија и беше уапсен во Грција.

Тој рече дека зад протестите „За заедничка Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ, реквизитите биле носени со пикапи од партијата, на „фиктивните водачи“ на движењето ги има гледано на средби со поранешниот генерален секретар на партијата Кире Божиновски, кој во партијата бил познат како благајник.

Според него, кога ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, на 27 февруари минатата година „од кулоарите на ВМРО“ излегол проектот „За заедничка Македонија“ со „фиктивни водачи“. Тој рече дека по налог на УБК контактирал со обвинетите Игор Југ и Јане Ченто за да „испита дали имаат проруски или прозападни ставови“ и оти на средбите со нив имало и прикриен агент на УБК.

Тој рече и дека и претходно, на протестите пред ДИК по изборите во декември 2016 година од штабот на ВМРО-ДПМНЕ имало налог за насилни протести и упад во ДИК ако приговорите се во корист на СДСМ, но тоа не се случило зашто ДИК призна дека ВМРО-ДПМНЕ освоиле 51 пратеници.

Претходно, дел од обвинетите од групата на Нинџа, кои со фантомки упаднаа во Собранието, пред судот рекоа дека насилствата во Собранието на 27 април минатата година биле креирани од структури во Управата за безбедност и контраразузнавање со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите и рекоа дека наредбите ги добивале токму од обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој бил нивната врска со оперативци на УБК.