Критичарите велат дека ваквиот потег на Вашингтон, кој се уште не е спроведен, бидејќи датумот на американското повлекување од договорот треба допрва да се утврди, би можело да предизвика нова трка во вооружување со Русија.
Кога го најави повлекувањето од договорот Трамп изјави дека ќе ги зголемува американските нуклеарни резерви се додека „луѓето не се вразумат“.
Но, во понеделникот тој на Твитер напиша:
„Сигурен сум дека, во некое време во иднина, претседателот Си и јас, заедно со претседателот Путин од Русија, ќе почнеме да разговараме за значајно запирање на она што стана главна и неконтролирана трка со оружје. САД потрошија 716 милијарди долари оваа година. Лудо!“
Иако Трамп ја откажа планираната билатерална средба со Путин во рамките на состанокот на Г20 во Буенос Аирес, тие таму сепак имаа „неформален“ разговор.
Одлуката на Трамп да се повлече од Договорот ги зголеми глобалните грижи, а претставници на неговата администрација се ангажираа во објаснување на овој негов потег кој бил неопходен, бидејќи подолго време Русија го крши Договорот.
Постигнат во 1987 година овој договор не ја покрива Кина и е дизајниран да ги елиминира руските ракети со краток и среден дострел на прагот на Европа.
Токму овој договор и најавата на Трамп да се повлече од него, се и на агендата на состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО во Брисел.
Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг најавувајќи го дводневниот состанок изјави:
„Ние сме загрижени за руското усогласување и загрижени за новите проектили што тие ги распоредуваат во Европа, а кои можат да стигнат до европските градови за неколку минути“.
Инаку, според аналитичарите, зачудува оценката на Трамп за „луд“ американски буџет за одбрана од 716 милијарди долари.
Тој дојде на власт најавувајќи дека огромната американска војска има големи недостатоци и ветувајќи „голема реконструкција“ на вооружените сили.