Средба Харадинај- Хан во Приштина за таксите за увоз во Косово

Приштина- еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, 03.12.2018

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешната средба во Приштина со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, изјави дека таксата од 100 отсто за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина нема да се укине, се додека тие две земји не ја признаат независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај рече дека тоа не значи дека косовските власти нема да работат на постигнување договор за нормализација на односите со Србија.

Еврокомесарот Хан коментирајќи ја изјавата на Харадинај рече дека на сите треба да им биде во интерес да се продолжи дијалогот меѓу Косово и Србија за време на актуелниот мандат на Европската комисија. Тој додаде и дека сите во ЕУ биле зачудени и разочарани кога Косово ги воведе царините и истакна дека тие не би требало да останат во сила. Хан во Приштина денеска допатува од Белград, каде што претходно имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.