Трипков - Скопје постер фестивал е еден од најсериозните извозни продукти на државата

Сакавме да покажеме дека плакатот има многу голема моќ на комуникација, дека влијае на промени на одредени ставови, вели Лазе Трипков од Здружението на графички дизајнери „Плакарт“, организаторите на 11. Скопје постер фестивал.

Лазе Трипков од Здружението на графички дизајнери „Плакарт“, во екот на 11-то издание на Скопје постер фестивал кое годинава под мотото „Моќта на плакатот“ се одржува од 26 ноември до 6 декември, знае да каже дека тие како организатори поминале еден многу сериозен и долг пат и дека остануваат на линијата манифестацијата да ја задржат како студентски конкурс. Дека претежно и комплетно се посветени на нивните потреби и на промоција на студентите.

„Предизвиците навистина се многу големи. Чудно е што после 11 години, кога ќе се соочите со еден институционален предизвик кај нас и, за жал, се доведувате во ситуација да се запрашате дали воопшто и ваква една манифестација којашто е останата единствена на Балканот и пошироко може да се одржи и да продолжи да функционира. Дискурсот веројатно би се движел во поинаква насока, но вака се наметнува прашањето каде се студентите во државата. Дали тие студенти имаат можност да се афирмираат и кои се тие можности коишто го револуционизираат тоа“, истакнува Трипков.

Дизајнерот појаснува дека одлучиле сите работи да ги тргнат на страна, бидејќи сметаат дека Скопје постер фестивал е „еден од најсериозните извозни продукти на државата“.

„Нашата држава и култура не успеа да изгради еден концепт на извоз на култура изминативе години. Не би сакал да навлегувам во концептот на подршка на останатите здруженија, активисти и активности меѓутоа сепак бројот на поконкурсни изложби низ светот не вбројува во најсериозните здруженија, односно манифестации во светот. И самиот податок дека сме многу повеќе признаени надвор говори за тоа дека треба посериозно да се по занимаваме со потребата на визуелната комуникација и естетиката во државата бидејќи тоа впрочем е и еден од најбитните сегменти. Развојот на културата ја прави државата да биде многу моќна“, смета тој.

Лазе Трипков

Говорејќи за „институционалните сопки“, Трипков ќе рече дека ги има повеќе. Од неможноста манифестацијата да се реализира во континуитет во еден простор. Дека се принудени секоја трета година да бараат нов простор со евентуално нов директор во таа установа. Тука се и финансиите што ги „добиваат“. Годинава биле толку „ситни што како потписници на Фестивалот не верувале дека после цела една декада, такво нешто и може да се случи“. Потем една од битните работи, според него, е и „недостатокот од слух за да се развие тој сегмент на визуелна комуникација и артистичкиот момент, креативноста да придонесе во развој на едукацијата“. Од таму, не случајно „Плакарт“ за мото на 11-от Скопје постер фестивал ќе го земе слоганот „Моќта на плакатот“.

„Сакавме да покажеме дека плакатот има многу голема моќ на комуникација, дека влијае на промени на одредени ставови ...на некој начин да ја демонстрира самата снага во однос на визуелниот, уметничкиот и естетскиот дел. Секако тука е и креативниот потенцијал којшто би требало да наметне одредена промена или свртување од главната оска или траекторија во којашто ние се движиме бидејќи јас искрено немам видено некоја јасна стратегија во однос на визуелните комуникации во државата. И самиот сум професор по графички дизајн и многу често се соочувам со тие предизвици в однос на работата на моите студенти. Дали тој сегмент треба да се мотивира паралелно со останатите сегменти? Дали концептуалната уметност веројатно е приоритет само на државата или тоа се сведува само на одредена друга па луѓе? Што правиме со останатите“, прашува тој.

Инаку, свеченото отворање на СПФ помина во знакот на неколку исклучителни изложби. Беа претставени Победниците од првата декада на манифестацијата кои во своите дела се бавеа со темата „Моќта на плакатот“, тука беа и најдобрите 100 плакати за определениот период, оние на младите дизајнери од Република Унгарија, а посебно место доби изложбата со плакати на исклучителниот Славимир Стојановиќ – Футро.

Покрај сево ова беше промовиран и романот со илустрирани раскази насловен како „Девет“ од прочуениот српски дизајнер Футро, кој патем на овдешната публика и е познат и како автор на неколку (повеќе од успешни) плакати за Скопскиот џез фестивал.

„Морам да признам дека промоцијата помина фантастично. Она што ни беше битно и што сакавме да го постигнеме како резултат беше впрочем успехот на еден дизајнер којшто се потврдува и во однос на пишувачкиот сегмент. Можевме да направиме паралела како еден дизајнер којшто работел визуелни пораки сега успева тие визуелни пораки да ги испише практички во едно одредено значење. Тоа е една автобиографска книга на Славимир Стојановиќ со којашто уште на самиот почеток кога си ја поставил целта – пишувањето била потребата да наметне многу поголем професионализам во Србија. Се надевам дека тоа како некакво искуство ќе може да помогне и да влијае на младите или на идните дизајнери да се погледнат од една поинаква перспектива и да видат како можат да придонесат во развојот на самите себе“, вели Трипков.

Од друга страна, Трипков и „Плакарт“ се посебно изненадени од интересот и реакциите на грашаните и невладините организации за постер-акцијата за почист град насловена како „Смогје“.

„Минатата година кога го размислував концептот неминовно беше спојувањето на „смог“ и Скопје бидејќи некако „природно“ ни припаѓа сето тоа. Целата таа идеја се претвори во хаштак, а после тоа најавивме и конкурс за плакат. Идејата беше ние како дизајнери, со нашето ако може да се нарече „скромно влијание“ на одредени сегменти или субјекти во државата, всушност да поттикнеме размислување преку креативни пораки коишто се испишани не само од нас како творци туку и од оние кои тоа лично го чувствуваат како проблем. Морам да признам дека од сите тие визуелни решенија стварно имаме едни сериозни видни рефлексии кои и тоа како покажуваат на сериозноста на самиот проблем. Кога ќе тргнете од фактот дека луѓето се идентификуваат со таа проблематика, а сепак не го третираат тоа како негова иронизацијатуку како сериозна претпоставка за иднината, лична и за нивното семејство, тогаш не ни останува ништо повеќе освен да се обидуваме и понатака да мотивираме“, смета тој.

Професорот и со дополна дека се трудат да го држат фокусот на дизајнот, меѓутоа и да излезат малку надвор од таа рамка којашто ќе понуди соработка со останатите здруженија коишто го тангираат тој проблем. Да се наметне потреба од солуција за решавање на тој горлив проблем.

„Драго ми е што слушам дека многу луѓе го користат тој термин „Смогје“ бидејќи не сакавме да наметнеме некое брендирање на ситуацијата, меѓутоа позитивните коментари и позитивното искуство ни укажуваат дека е интересно, односно предизвикувачки тоа што сме го иницирале. Стигнаа многу предлози за соработка од некои здруженија, така да во наредниот период ќе ги договараме сите детали околу таа акција. Јас верувам дека од сето тоа ќе излезе некаков елаборат што ќе биде доставен до јавните власти, а во меѓувреме одлучивме и да го прошириме конкурсот за да може сите заинтересирани дополнително да испраќаат предлози“, наведува Трипков.