Светот притиснат од итните климатски закани

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Критични разговори за глобалното затоплување

Во полскиот град Катовице во наредните две недели ќе се одвиваат најважните разговори во врска со климатските промени од Парискиот пакт од 2015. Но и овие разговори се во услови на политички поделби па атоа постојат мали очекувања за драматичен успех.

Со најсилни предупредувања за заштитата на животната средина делегации од 200 земји се собраа во неделата во Полска на самитот на ОН, чија цел е да се избегне „итната закана“ од климатските промени.

Разговорите на ОН доаѓаат во клучен момент за тоа како човештвото ќе одговори на затоплувањето на планетата.

Помалите посиромашни нации, кои ќе го понесат овој разорен товар, вршат притисок врз побогатите држави да ги исполнат ветувањата што ги дадоа во Парискиот договор во 2015 година.

Тогаш земјите се обврзаа да го ограничат покачувањето на глобалната температура под два целзиусови степена.

Но, со само еден Целзиусов степен на затоплување досега, светот веќе е сведок на крешендо од смртоносни пожари, топлотни бранови, урагани и надојдени мориња.

„Влијанието на климатските промени никогаш не било полошо“, вели претставничката на ОН за климата Патриција Еспиноза, наведувајќи дека оваа година ќе биде меѓу четирите најтопли што се регистрирани досега.

„Ефектите што се случуваат влијаат врз заедниците ширум светот, жртвите, уништувањето на толку многу места, многу страдања произлегуваат од последиците од климатските промени, тоа само ја отежнува нашата работа“.

Според неа, концентрацијата на гасови поради ефектот на стаклена градина во атмосферата е на рекордно ниво и натаму ќе се зголемува.

На климатските разговори мора да се усогласи правилник кој ќе им одговора на 183 држави кои го ратификуваа договорот во Париз.

А тоа е далеку од можно, особено по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од Парискиот договор.

Од друга страна, експертите предупредуваат дека и солиден напредок во целите од Париз веќе нема да биде доволен за да се спречи глобалното затоплување.

Сепак, иако климатските трендови се јасни, глобалниот политички консензус за тоа како светот да се справи со климатските промени останува недостижен.

Клучно прашање е како да се финансира борбата против климатските промени, при што развиените земји и земјите во развој сѐ уште не можат да се договорат.

Сиромашните земји тврдат дека богатите се одговорни за огромното количество јаглерод во атмосферата и затоа мора да им помогнат во финасирањето на нивните климатски активности.