По изгласувањето на нацрт-амандманот со кој Македонија се преименува во Северна Македонија во сите членови на Уставот, освен во членот 36, каде се спомнува во историски контекст, пратениците расправата ја продолжија по вториот амандман, со кој во Преамбулата на Уставот се додава и Рамковниот договор, а одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од заседанието.
Во текот на пратеничката расправа по вториот амандман, министерот за надворешни работи Никола Димитров остави простор за измени, бидејќи е можно во преамбулата да влезат и дел од барањата на опозициските пратеници, но тоа ќе се знае по јавната расправа и мислењето на правните експерти.
За оваа трета фаза од уставните измени предвидено е дебатата да трае 12 дена, но со оглед на динамиката, можно е таа да заврши до петок, а третатa конечна фаза за промена на Уставот е најавена за по Нова година.