Казните за физичките лица и за стопанствениците по различни основи се намалуваат повеќе од двојно, или пак процентуално глобите ќе се намалат и за 75 отсто, најавија премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска, на денешната заедничка прес-конференција.
Тие информираа дека со измени во Законот за прекршоци се предвдува градација на сторените дела, а ќе се земат предвид и сите останти фактори што придонеле за прекршокот, па така ќе постои и можност за примена на мерка на предупредување, потоа воочување на одговорност а казните повеќе нема да будат драконски туку во сооднос со стандардот на граѓаните.
„По долга евалуација и консултативен период, заклучивме дека се водела драконска казнена политика и направивме измени на овој Закон. Со оваа мерка всушност сакаме да направиме превенција на прекршоците и да им укажеме на граѓаните дека казните се коректор а не немилосрдно собирање на пари. Ќе се направи и градација на казните во зависност дали се однесуваат на мали, средни или големи фирми, нивната заработувачка, бројност на вработени итн. Ако се увиди ненамерна грешка, инспекторите ќе можат да ги повлечат казните, што досега не беше така, односно дури и ако се утвдела ненамерна грешка, казната морала да се плати бидејќи била констатирана. Сето ова е во насока на тоа да укажеме дека Законот за прекршоци има корективна улога а не треба да влева страв.“, изјави Дескоска.
За физичките лица казните ќе бидат од 15 до 1000 евра, а за максималната казна за трговец-поединец од 5000 евра се намалува на 2000 евра. Според овие измени, од досегашната казна за нерегистрирано возило што изнесуваше 500 евра, таа се намалува на 250 евра.
Сите овие измени се направени во корист на граѓаните и на стопанствениците за да се чувствуваат правично, а не да ја доживуваат државата како нивен противник, потенцираше премиерот.
„Се разбира дека казнената политика ќе се применува поригорозно таму каде што се прават прекршоци што се однесуваат за заштита на здравјето, прородни богатства, екологијата или други суштински приоритети, односно целта е да се одвои тоа што е важно од тоа помалку важно и да не биде сето ставено во ист кош, а се со цел за правичен систем во интерес на граѓаните. Казните нема да бидат драконска мерка за полнење на буџетот. “, потенцираше Заев.