Усвоен нацрт-амандманот за промена на името

Со 67 гласа, 4 воздржани и 23 против, Собранието го утврди нацртот на амандманот 33 на Уставот со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Според пратениците од владејачкото мнозинство амандманот 33. се однесува на името на државата и со него конечно се дефинира името на нашата држава во поширок историски контекст и географската одредница Северна која се додава е практично реално, но и историско решение на дефинирање на модерна држава, која сака своето постоење да го гради на универзални принципи во глобализиран свет.

Одговорот на опозицијата беше дека со ова е направено предавство кон народот, државата, историјата и идните поколенија и уништување на идентитетот од страна на власта.