30 дена притвор за Мијалков и за „Империја“

Поранешен директор на УБК Сашо Мијалков од судија од претходна постапка доби уште една мерка притвор од времетраење од 30 дена.

„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1-Скопје, го прифати предлогот на Обвинителството и на С.М. му одреди 30-дневен притвор за предметот познат на јавноста како Империја“, потврдиле за МИА од Основниот суд.

Мијалков веќе се наоѓа во притвор во затворот „Шутка“, откако судот на 20 ноември му одреди притвор од 30 дена на барање на СЈО за предметот „Таргет – Тврдина“.

Истрагата „Империја“ е против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во притвор веќе се Јордан Камчев, Цветан Панделевски, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска, Тодор Мирчевски.