Во Македонија во моментов незаконски се прислушува, јавното признание на државниот обвинител е огромен скандал за кој некој мора веднаш да поднесе одговорност со оставка, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ откако јавниот обвинител Љубомир Јовески на брифинг со новинарите кажа дека од 30 септември 2016 година досега се снимала целата телефонска комуникација преку фиксната мрежа на Јавното обвинителство.
„Денеска во Владата на СДСМ, кога СДСМ е веќе година ипол на власт, се соочуваме со скандал за прислушкување кој е премногу сериозен и отвора прашања околу независноста и професионалноста на работењето на Јавното обвинителство. Неколку пати кажавме дека Јавното обвинителство постапува по одредени политички цени. Кој и зошто ги слушал јавните обвинители и ја следел нивната комуникација? Дали на ваков начин се вршело влијание врз предметите и постапките кои се водат изминативе две години?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата во соопштението додава дека го осудува секое незаконско прислушување кое ја нарушува приватноста на граѓаните и служи за контрола и закана врз институциите.
„Бараме одговор и од новоформираната ОТА, и од надлежните судови и од ЈО и од УБК дали во моментов функционира системот за следење на комуникациите и дали воопшто се постапува барем по една наредба од надлежните органи за документирање на криминалитие на мафијашките кланови? Дали се што се слуша и следи во моментов е нелегално?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.