Министерството за внатрешни работи е целосно вклучено во предистражната постапка за случајот со прислушуваните фиксни телефони во Јавното обвинителство на Република Македонија, рече попладнево портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
“Одговорноста најпрво треба да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница. Владата на Република Македонија ги става на располагање на Основното јавно обвинителство сите капацитети со кои располагаме ако истото го побараат и ако е потребно”, рече Бошњаковски.
Тој нагласи и дека Владата остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори, а таквите појави ги нарече рецидив на минатото и пракса на минатите владејачки и “недемократски ” структури.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска на брифинг со новинарите рече дека од 30 септември 2016 година досега во два хард диска се снимала целата телефонска комуникација преку фиксната мрежа во Јавното обвинителство на Република Македонија. Тој рече дека случајот го откриле сега и дека се наоѓа во предистражна постапка.
Од неа тие очекуваат да се утврди дали некој пристапувал до нив, кој бил тој, дали биле изнесувани податоците и дали биле претходно избришани материјали, ако се земе предвид дека телефонската централа била купена во 2013 година, кога и беше отворена зградата на обвинителството.
Инаку во 2016 година јавен обвинител се уште беше неговиот претходник Марко Зврлевски, а министерската позиција во полицијата, како технички министер туку што ја презема актуелниот Оливер Спасовски.