Од 30 септември 2016 година досега во два хард диска се снимала целата телефонска комуникација преку фиксната мрежа во Јавното обвинителство на Република Македонија. Ова денеска на брифинг со новинарите го кажа јавниот обвинител Љубомир Јовески. Тој рече дека за ова претходно не знаеле и дека процесот е во предистражна постапка.
Од неа тие очекуваат да се утврди дали некој пристапувал до нив, кој бил тој, дали биле изнесувани податоците и дали биле претходно избришани материјали, ако се земе предвид дека телефонската централа била купена во 2013 година, кога и беше отворена зградата на обвинителството.
“Снимени се сите телефонски разговори кои се одвивале во фиксната мрежа” тврди Јовески.
Засега повикувајќи се на предистражната постапка обвинителот не открива детали. Инаку во 2016 година јавен обвинител се уште беше неговиот претходник Марко Зврлевски, а министерската позиција во полицијата, како технички министер туку што ја презема актуелниот Оливер Спасовски.