Министерството за внатрешни работи на Унгарија нема информации за тоа од кои земја и низ кои гранични премини поранешниот премиер Никола Груевски влегол во таа земја, се вели во писмениот одговор на МВР на Унгарија, на барање за Радио Слободна Европа.
Унгарската полиција на барање за пристап до информации од јавен карактер, се изјасни дека немаат информации за тоа зошто и дали Груевски користел дипломатски автомобил, како и каде Груевски го поднел барањето за политички азил.
Во официјалниот одговор на унгарското МВР, потпишан од заменик-државниот секретар за координација и управување, се наведува дека "одговорите на барањата Министерството за внатрешни работи не ги поседува."
На 16 ноември, РСЕ испрати слични барања и до Кабинетот на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, како и до Министерството за надворешни работи на таа земја. Одговорите од овие институции сè уште не се добиени.