По нешто повеќе од два месеца од последното излегување во јавноста со наталожените проблеми, од кои хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и нивната висина, нивното пресметување со бодови, а не според коефициенти на сложеност на работното место, неисплаќањето на стручните звања и уметничките категории, се само ронка од брегот, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) реши наново да го изрази своето незадоволство и револт поради необезбедувањето на средства во буџетот за следната година по однос на зголемување на плати за вработените во културните и уметничките институции.
Синдикалците истакнуваат дека ним им било ветено од страна на Министерството за култура дека до крајот на оваа година треба да биде донесен новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и да се обезбедат средства за нов Колективен договор. Но, со оглед на тоа дека Законот се уште не е донесен, а средства за Колективен договор не се обезбедени тие и не гледаат поинаков начин освен вака да го изразат своето незадоволство.
Притоа не забораваат да споменат дека во разговор со Министерот за култура ним им било образложено дека доцнењето на Законот за култура „е последица на измените во Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници кои сè уште се во подготовка и во кои треба да се вметнат промените што се извршени во предлог Законот за остварување на јавниот интерес во културата со цел трите закони да бидат усогласени“.
Сепак, како што велат, и покрај тоа што „СКРМ има разбирање за успореното темпо во усвојувањето на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, а со тоа и за потпишувањето на Колективниот договор, конечно ова не го ублажува револтот и разочарувањето од состојбата во која се наоѓаат вработените повеќе од една деценија“.
„Во оваа насока, како преоден чекор кон потпишување на Колективен договор бараме нивелација на платите во сите дејности преку којашто делумно ќе се амортизираат моментално катастрофалните состојби каде што вработени на исто место со ист степен на сложеност и одговорност земаат различни плати“, вели Сања Арсовска, претседател на Синдикатот на културата на Република Македонија.
Таа и со дополна дека барањето за нивелација на платите е испратено до Министерството за култура во вторникот на 27 ноември и дека тие сè уште го чекаат нивниот одговор. Згора на тоа СКРМ преку амандман од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија ќе побараат средствата за нивелација да бидат изгласани и вметнати во буџетот за следната година. Според пресметките направени во Министерството за култура, за нивелирање на плати се потребни околу 75 милиони денари.
„Културата е единствената гранка која цели 12 години нема потпишано Колективен договор. Културата е единствената гранка во јавниот сектор која сеуште има најниски плати. Културните работници веќе неможат да чекаат и да преживуваат во ваква состојба. Ние не можеме да зборуваме за културен и уметнички развој додека вработените во културата, оние коишто ја создаваат уметноста, оние коишто се грижат за културното наследство, за библиотечните фондови, за кинотечните збирки живеат на работ на својата егзистенција. Затоа вработените во културата немаат веќе трпение. Не сакаме да бидеме веќе школски пример за социјална неправда што се случува врз нас“, категорична е Арсовска.
Според СКРМ, ако доколку до 31 декември не се одобрат средства за нивелација на плати, вработените во културата Новата година ќе ја дочекаат со блокирање на институциите и со излегување на улица. За таа цел, како што велат, веќе е формиран и протестен одбор за натамошните активности.
„Ние се надеваме дека нашето барање за нивелација ќе биде усвоено и дека Министерството ќе изнајде средства за културните работници од една страна, а од друга доколку тоа не се случи протестот ќе го водиме на еден креативен, на наш начин за да бидеме видливи“, појаснува Арсовска.