Трамп: можеби ќе го помилувам Манафорт

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп не исклучува помилување на екс помошникот Манафорт

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста да го помилува поранешниот шеф на неговиот изборен штаб Пол Манафорт кој е под сомневање за неговите врски со Русија за време на претседателската кампања во 2016 година.

Во интервју за весникот „Њујорк пост“, претседателот Трамп изјави дека „никогаш не се разговарало за помилување“ на неговиот поранешен шеф на изборната кампања, кој беше прогласен за виновен за даночни и банкарски измами.

Но, притоа додаде: „Но, јас не би тргнал тоа од масата. Зошто би го тргнал од масата?“

Пол Манафорт во септември годинава се договори со Роберт Мулер, специјалниот советник кој ја води истрагата за врските на штабот на Трамп со Русија за време на претседателските избори, да се изјасни за виновен за дополнителните обвиненија и да соработува во таа истрагата за помала казна.

69 годишниот Манафорт е веќе е осуден за финансиски малверзации и се соочува со повеќегодишна затворска казна.

Но, специјалниот советник оваа недела изјави дека Манафорт рутински ги лажел истражителите, со што е поништен претходниот договорот.

Тоа ги обнови шпекулациите дека Манафорт сака да биде помилуван од претседателот Трамп.

Шефот на сенатската Комисија за разузнавање демократот Марк Ворнер оцени дека тоа ќе биде „бесрамна и неприфатлива злоупотреба на власта“.

Тој додаде дека помилувањето не е „лична алатка што Трамп може да ја користи за да се заштити самиот или да ги заштити неговите пријатели“.

Нападите на Трамп врз Мулер го крена алармот во Капитол Хил.

Републиканскиот сенатор во заминување во Џеф Флејк и неговите колеги од Демократската партија, Крис Коунс и Кори Букер поднесоа нацрт-закон со цел да му се оневозможи на Трамп да ја поткопопува истрагата на Мулер.

„Ние веќе ја видовме присилната оставка на јавниот обвинител еден ден по изборите. Затоа е јасно дека мора да се направи нешто за да се заштити истрагата на г-дин Мулер“.

Но, обидот на Флејк беше блокиран.

Лидерот на мнозинството во Сенатот републиканецот Мич Меконел оцени дека законот е непотребен, бидејќи, како што изјави, Трамп нема да го отпушти Мулер.

Според Меконел, сенаторите имале многу да завршат оваа година, а не да се занимаваат со ирелевантни работи.

Официјална Москва постојано негира дека се мешала во претседателските избори во 2016 година, додека Трамп постојано негира дека имало некаков заговор.