Посебен придонес во потпишувањето на Преспанскиот договор има и албанскиот политички фактор во Република Македонија, нагласи денеска лидерот на Демократската унија на Албанците Али Ахмети на свечената Академија по повод Денот на aлбанското национално знаме и прогласувањето на независноста на Албанија. Додаде дека треба да се затворат многу процеси во Македонија како и договорот со Грција кој не смее да биде само архивиран и заборавен.
Ахмети во својот говор потсети и на опасностите од неуспехот на договорот од кој може да зависи и стабилноста на регионот.
“Има и такви кои работат да не успее овој договор, но немаат простор и не треба да се дозволи тој да пожолтува во архивите. Со неуспехот на договорот нема да има мировен процес, ниту интеграција во НАТО и ЕУ, но исто така нема да успее многу важниот процес за зацврстување на мирот и стабилноста во јужна Европа и целиот Балкан”, истакна Ахмети.