Божиновски бара укинување на притворот за да се грижи за семејството

Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на Владата на Република Македонија

Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд побара да му биде укинат притворот за случајот „Титаник“ на СЈО. Тој порача дека нема да бега од државата и дека неговата сопруга е со нарушено здравје и треба да се грижи за двете деца.

Божиновски најостро го осуди бегството на Никола Груевски и рече дека со тоа е предизвикана непроценлива штета по сите процеси во државата, но и дека секој си носи последици за своите постапки.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова побара да бидат одбиени жалбите на одбраната како неосновани, а решението за притвор да биде потврдено во целост како законито. Апелацискиот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбите за мерката притвор.