Во поширокиот центар на Нови Сад, две од вкупно трите табли со името „Плоштад на Републиката“ денеска се прелепени со плакати, на кои со кирилично писмо пишува „Плоштад на Република Војводина“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера на овој плоштад го откри споменикот на кралот Петар Први Караѓорѓевиќ, на свеченоста по повод денот кога Војводина пред 100 години се присоедини на Србија, по Првата светска војна.
Во саботата на неколку места во Војводина беа поставени плакати на кои пишуваше „По 100 години и Хонгконг рече довидување”. Плакатите беа потпишани од организацијата Млада Војводина, а потписот беше илустриран со името на организацијата и со ѕвезда петокрака. Организацијата Млада Војводина и порано беше позната по слични акции.