Премиерот Зоран Заев се надева дека поддршката од осумте пратеници за измени на Уставот ќе продолжи и покрај притворањето на Јанакиески, Божиновски и Мијалков.
Одговарајќи на новинарско прашање дали притворањето на овие тројца функцонери од ВМРО-ДПМНЕ го доведува во прашање процесот на помирување, со оглед на тоа дека пратеници од независната група најавија дека има можност да не го дадат својот глас за промена на Уставот, Заев смета дека во фазата која следува за промена на Уставот е потребно просто мнозинство и дури во јануари ќе биде потребно двотретинското мнозинство.
"Јас на овој процес во парламентот гледам како на политички дијалог и гледам на начин како преку инклузивни процеси да можеме да го зголемиме мнозинството. Жалам што пратениците истакнуваат дека тоа влијае. Јас се надевам дека ќе останат на своите ставови, заради тоа што процесот како тече дискусијата за нацрт-амандманите на Уставот инклузивноста ќе заврши јавната дебата по втората пленарна седница, која е планирана на 1 декември и ќе ги соопштиме амандманите по кои уште еднаш ќе потврдиме сериозна вграденот на опозициските дискусии и предлози во самите уставни амандмани, што според мене ќе значи потврдување на довтретинското мнозинство, па дури и негово зголемување", рече премиерот Заев.
Додаде дека тоа е само негова надеж, а испрати порака дека правото и правната држава, владеењето на правото се императив во Република Македонија и дека не треба да има никакво мешање во правосудството.
Одговарајќи на прашање дали разговарал со осумте пратеници по апсењето на Мијалков, Заев рече дека со некои од нив има воспоставено контакти и разговарале, но тоа било во функција на продолжување на дебатата внатре во Парлментот.
Пленарната седница почнува на 1 декември, а по неа треба да почне и јавната дебата по предложените уставни измени. Смета дека во овој процес ќе се дознае колку опстојува двотретинското мнозинство, дали се намалува или се зголемува. рт/хс/