Пет композиции за различен инструментален состав, како избор од неговиот досегашен композиторски опус, се поместени на дебитантскиот албум на композиторот Вулнет Таири, што како издание на Музичкиот издавачки центар, Сојузот на композитори и Македонската радио-телевизија се појави деновиве. На носачот на звук се наоѓаат „Четири пиеси“ за дувачки квинтет и „Квинтет“ за флејта, кларинет, пијано, виолина и виолончело – обете во изведба на ансамблот за современа музика СОНОРИС, „Трио“ за обоа, кларинет и фагот во изведба на ансамблот ХОРИЗОНТЕ од Германија (Јорг Петр Митман - обоа, Мерве Казокоглу - кларинет и Марјан Милошевски - фагот), „Циклус песни бр. 2“ за глас и пијано во изведба на Марија Муратовска - сопран и Шкељзен Бафтиари - пијано, како и Симфонија бр. 1 со оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Саша Николовски - Ѓумар.
„Делата што се избрани да се најдат на овој компакт диск се разновидни. Станува збор претежно за камерна музика, има и вокална, за сето тоа да финишира со голема симфониска музичка форма. Еден вид селекција од сето она што досега јас сум го создал како композитор“, вели Таири.
Композиторот и со дополна дека музиката што е забележана во неговите дела ја претставува авангардноста на современиот стил на живеење.
„Мојата музика, она што досега сум успеал да го забележам и што потем било изведено на домашната сцена, е резултат на современиот стил на живеење. За постигнување на овој израз користени се најсовремените композиторски техники на креирање на едно автентично творечко дело“, смета авторот.
Роден 1982 година во Гостивар, Вулнет Таири и припаѓа на помладата генерација македонски композитори. Своето музичко образование (композиторско и теориско) го стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на професор Гоце Коларовски и професор Тома Манчев. Освен кон творештвото, својот интерес Таири го насочува и кон музичката педагогија, при што за кус период го мина патот од наставник во Основното музичко училиште во Гостивар (солфеж и теорија на музика), до универзитетски професор – во 2009 година тој стана член и на Тетовскиот државен универзитет на Факултет за музичка уметност, каде што предава оркестрација.
Како автор, вниманието на стручната јавност кај нас го свртува уште во време на студентските години кога некои од неговите младешки дела доживуваат први изведби.
Во тој период, 2004 – 2005 година, пишува главно камерни дела, а потоа, постапно стигна и до совладување на поголемите музички форми. Во 2009 година ја создаде својата Симфонија бр. 1, изведена од страна на Македонската филхармонија.
Таири како композитор е добитник на неколку значајни државни награди. На националниот натпревар особено убаво поминале неговите: Циклус соло песни бр. 2; Детски хор; Трио за обоа, кларинет, фагот; Четири пиеси за дувачки квинтет, за кои е добитник на повеќе признанија. Згора на тоа, делата на Таири редовно се изведуваат на манифестациите како Денови на македонска музика и на Скопско лето, а неговото творештво е присутно не само во земјите од регионот, туку и на европската сцена и во САД.
Кон ова само уште и информацијата дека уредник на изданието е музикологот Марко Коловски, издавачи се Музичкиот издавачки центар, Сојузот на композиторите на Македонија и Македонска радио-телевизија, а објавувањето на носачот на звук е поддржано од страна на Министерството за култура на Република Македонијa.