Украина го менува уставот со порака до Русија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Порошенко: со Русија се разделуваме, целосно и трајно

Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека менувањето на уставот на земјата за да се потенцира стратегиската цел на Киев да им се приклучи на НАТО и ЕУ ќе испрати силна порака и до Москва.

Украинскиот парламент гласаше за нацрт-уставни амандмани во кои се истакнува намерата на Украина да стане членка на НАТО и Европската унија.

Станува збор за прво читање, а мнозинството парламентарци гласаа амандманите да бидат усвoени на следната седница во февруари идната година.

Обраќајќи им се на пратениците претседателот Петро Порошенко оцени дека Русија е земја агресор.

„Со воспоставувањето на уставната обврска за влез во НАТО, за влез во Европската унија, ние исто така испраќаме порака до Москва - ние се разделуваме, целосно и трајно. Русија како земја-агресор не може и нема да може да стави вето врз нас да им се приклучиме на НАТО или на Европската унија“.

До гласањето за измените на уставот доаѓа неколку дена откако Украина ја одбележа петтата годишнина од почетокот на протестите кои стартуваа серија настани што дополнително ја наведоа геополитичката ориентација на Украина кон Западот.

Хрихориј Жаловаха, татко на еден од загинатите протестанти вели:

„Секоја година доаѓаме овде во Киев да се молиме на место каде што умре синот и да потврдиме дека веруваме во неговите идеи, во неговите желби и дека треба да продолжиме да постапуваме така што нашата земја ќе се промени“.

Павло Сидоренко пак, вели:

„Чувствувам болка и гордост, чувствувам болка поради загубите и цената што требаше да ја платиме за да ја добиеме оваа победа, победа на половина пат во револуцијата на достоинството“.

Украина веќе има потпишано широка трговска спогодба со ЕУ која е во сила од септември 2017 година.

Претходно, оваа спогодба беше отфрлена од тогашниот проруски претседател Виктор Јанукович по што во февруари 2014 година избувна проевропското востание.

Јанукович избега од Киев во последните денови од востанието, по кое беше воспоставено проевропско лидерство во земјата, што пак го запали осигурувачот за руското анектирање на Крим и за сепаратистичкиот конфликт во индустрискиот источен дел на земјата.

Ова прашање е извор на гнев на Русија, која граничи со Украина и не сака да види таа да биде дел од, како што смета Кремљ, непријателски воен блок.