Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е скандалозно бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е почесен претседател на партијата. Мицкоски вели дека не знаел за планот на Груевски, но како што вели надлежните институции треба да кажат како се случи тоа. Тој во интервју за 1ТВ рече дека институции многу добро знаеле каде тој се движи и, како што рече, не гледа причина зошто не би знаеле каде се движел Груевски.
„Но доколку не знаеле тогаш навистина е пропуст на тие институции. Бидејќи станува збор за лице кое што нели веќе беше на начин кој што беше тоа сме го коментирале во минатото осуден на затворска казна од две години“, рече Мицкоски.
Тој вели дека јавноста ќе биде сведок на она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го преземе во следниот период со почесниот претседател Никола Груевски.
Мицкоски негираше дека неговите неодамнешни посети на Србија и на Унгарија имаат врска со бегството на Груевски. Тој, како што вели, во Србија бил приватно, а во Унгарија се видел со премиерот Виктор Орбан, но не разговарале Груевски, туку за Конгресот на Европската народна партија.